Прикажани 1–40 од 173 книги

  • Загубени во слободата

    Двајца мажи, две сосема различни судбини. Еден монах кој молчи, и еден човек кој зборува за да преживее. Една пандемија што го замолчува светот. И едно прашање што го преиспитува постоењето: што е слободата?

    Во романот „Загубени во слободата“, еден од најзначајните современи бугарски писатели – Владимир Зарев – отвора два паралелни света: денешниот, обземен од страв, изолација и кревки човечки релации, и средновековниот, во кој тивкото монашко повлекување станува духовна побуна против злото.

    Меѓу нив – едно огледало. А во него – човекот, разделен меѓу моќта и вербата, телото и духот, зборот и тишината.

    Роман за невидливите сили што управуваат со нашите животи – вируси, богови, богаташи – и за тоа како човекот, дури и затворен, може да го пронајде она што е највредно: сопствената слобода.

    280,00 ден399,00 ден
  • Филмско око

    Десет години по „Филм.мкд“, авторот ни „подарува“ уште една книга со филмска есеистика, четврта по ред, грижејќи се за кревката публицистика во оваа област, чии изданија низ годиниве се бројат на прстите од раката.

    Изданието започнува со третирањето на македонската кинематографија во овој период, следи поглед кон европската и американската кинематографија во изминатите неколку години, а потоа и делот за филмските фестивали. При крајот има два специјализирани темати во кои се застапени текстови за музиката и филмот, како и за филмските јубилеи. Централниот дел на книгата е посветен на австрискиот филмаџија Улрих Зајдл, кој беше лански лауреат на „КинеНова“ и кој на сцената, при примањето на наградата, прочита еден „манифест“ за состојбата во филмската уметност кој уште долго ќе биде релевантен и цитиран.

    200,00 ден299,00 ден
  • Додека ја преминуваш реката

    Што се случува кога педесет и тригодишен писател во виорот на животот ќе сретне дваесет и двегодишна студентка по вајарство, која го “оживува” повторно? Романот Додека ја преминуваш реката мајсторски ја истражува суптилната рамнотежа помеѓу страста и табуата, минливоста на љубовта и вечните илузии.

    Инспириран од познатиот роман Љубовникот на Маргерит Дирас, Фериќ пишува од перспективата на љубовникот, во едно поинакво време и простор. Неговиот текст пулсира со поетичност, страсна ирационалност и смелост што го предизвикува лицемерието на светот.

    Ова не е само роман за љубовта – ова е огледало на човечката природа, каде возвишеното и вулгарното, нежноста и желбата се спојуваат во една електризирачка приказна што ќе ја паметите. Дива, нежна и трансгресивна приказна за љубовта што ги руши границите.

    210,00 ден299,00 ден
  • Смртта на девојчето со кибритчињата

    „Смртта на девојчето со кибритчињата“ е првиот роман на Зоран Фериќ, автор познат по својот уникатен спој на црн хумор, гротеска и фасцинантни човечки судбини. Наизглед едноставната криминалистичка приказна за убиството на локалната проститутка и потрагата по убиецот се претвора во виор од необични настани и бизарни ликови – од ексцентрични чудаци до наизглед обични мештани кои ги кријат своите тајни.

    Малиот островски свет на Фериќ не е само кулиса – тој е огледало на нашето секојдневие, гротескна преслика на реалноста која истовремено нè забавува и нè тера на размислување. Со доза фантазмагорична имагинација, романот ги истражува границите помеѓу нормалното и апсурдното, додека црниот хумор нè спасува од тежината на тој свет.

    Ако сте подготвени за приказна која ќе ве насмее, ќе ве шокира, но и ќе ве натера да погледнете подлабоко под површината на човечката природа, овој роман ќе биде вашето незаборавно книжевно патување.

    222,00 ден370,00 ден
  • Слобода

    Ова е моќна мемоарска книга во која се истражува сложената и бурна патека на растењето и созревањето во посткомунистичка Албанија. Како млада ученичка, Ипи била воспитувана под строгиот режим на тоталитарна власт која им ветувала на своите граѓани иднина во совршена слобода. Но, кога падна режимот во Албанија, основите на нејзиното општество се урнаа и светот на Ипи беше изненадно прекинат. Нејзината приказна ги води читателите низ период на интензивни лични и политички превирања, додека таа го сведочи распадот на комунизмот, појавата на неолиберализмот и своето сопствено созревање.

    Со живо раскажување и длабоки размислувања, Ипи ја истражува длабоката контрадикторност на концептот на слободата, идентитетот и цената на промените. Со прониклив поглед на пресекот помеѓу личното и политичкото, „Слобода“ поставува суштински прашања: Што е вистинска слобода? Како историските и политичките сили ги обликуваат нашите животи, дури и од детството? Уникатната перспектива на Ипи нуди интимно и интелектуално истражување на тоа што значи да бидеш слободен, и во теоријата и во реалноста.

    Книгата ја доби наградата „Ондатје од Кралското книжевно друштво, наградата „Слајтли Фокст за најдобро прво биографско дело, беше во најтесен избор за наградите „Коста“, „Бејли Гифорд“ и „Гордон Бирн“. За книга на годината ја прогласија Њујоркер, Вашингтон пост, Фајненшел тајмс, Тајмсовиот книжевен додаток, Форин аферс, Сандеј тајмс

    392,00 ден490,00 ден
  • Граница

    Привлечната сила на границата силно се чувствуваше помеѓу водните коњчиња, како гравитација. Каде и да се завртиш, нешто секогаш беше зад тебе, а ништо пред тебе. Како историјата, впрочем.

    „Оваа книга е извонредно лично истражување на граничната област помеѓу Грција, Бугарија и Турција. Писателката со бугарско потекло разговара со ловци на богатство, ботаничари, бегалци, шверцери – за да објави необични, живописни, трогателни човечки приказни. Таа доаѓа до тоа со поетски сензибилитет и новинарска љубопитност. Прекрасна, блескава комбинација“. New Internationalist

    „Ова е прекрасна, лична приказна за граничната зона меѓу Бугарија, Турција и Грција, од времето на Османлиите до заканата од Студената војна и пошироко“. Марк Мазовер

    „Касабова е одлична писателка која, ослободена од дискурсивните норми, лесно ги преплетува документарното и лирското, доживеаното и замисленото. Таа отворено и без предрасуди им се препушта на зборовите, средбите, приказните и на сопствените емоции, приемчива за секое искуство. Навистина, одамна немам прочитано книга која толку впечатливо ја опфаќа поетиката на еден простор и толку непретенциозно, а животно прикажува една исклучително сложена тема, како што е темата на границата“. Катерина Лукетиќ, Критика

    „Ова е тажна приказна раскажана на три јазици, а за да не се повтори, луѓето треба да зборуваат – за минатото, сегашноста и иднината“. БНР

    413,00 ден590,00 ден
  • Кој го уби Едгар Алан По

    Ова е роман лавиринт во кој се испреплетени минатото и сегашноста во мистериозна атмосфера како излезена од досега необјавен ракопис на Кафка. Се работи за приказна во која главниот јунак, писателот Феликс Рејнолдс, додека е во потрага по својот изгубен брат, открива делови од неговиот трауматичен и необичен живот. На тој пат Феликс чувствува потреба да сподели дел од она што го измачува, наместо да продолжи да го закопува во себе, затоа бара помош од психијатарот Груми Блум, кај кого честопати навраќа и, легнат на неговиот кауч, низ бројни сесии се отвора себеси. Психијатарот работи во замок кој доминира над градот каде што живее Феликс и се чини дека со замокот и со нивната земја владеат мистериозни луѓе во црно, познати како кафкависти.

    „Во романот ‘Кој го уби Едгар Алан По‘ постои жесток испреплетен судир помеѓу имагинацијата, интелигенцијата, реалноста, филозофијата, природното и она што можеби личи на природно, како и она што луѓето го нарекуваат лудило, но всушност е само постојано бегање од животот и борба со смртта.“

    Анета Тасова

     

    299,00 ден450,00 ден
  • Црвените очи

    Во својот втор роман, Леруа ни пренесува дел од нејзиното искуство од разговорите на социјалните мрежи со човекот кој во книгата го носи името Денис. Таа одговара на неговата покана за пријателство, охрабрена што имаат неколку заеднички пријатели на Фејсбук.
    На почетокот, епистоларното пријателство се сведува на речиси симпатична размена на животните приказни. Но, стапицата над жртвата полека се затвора.
    200,00 ден350,00 ден
  • Среќните луѓе не слават родендени

    Среќата денес е преценета работа. Денес полесно се доаѓа до среќа отколку во мое време. Секој втор локал е за игри на среќа, останатите се за брзи кредити за оние што немале среќа во игрите на среќа. Да, точно, има толку многу продавници каде што може да се купи среќа, цели зони каде што бесплатно или за мали пари може да се остварат најскриените желби. Ти се мочам јас на таквата среќа!

    Јас се враќам од една таква зона, стари, од една таква продавница. Се враќам среќен, но за среќа тоа сум само јас, еден крајно добродушен и скромен човек. Во право си, среќата не е за секого. Замисли што ќе се случи кога сите ќе поверуваат во таа соба и кога сите ќе отидат брзајќи во зоната. Сите тие потенцијални императори, големи инквизитори, фирери од сите провениенции… И оние најлошите, таканаречените спасители на човештвото!

    Во право си. Среќата не е за секого. 

    200,00 ден320,00 ден
  • И други приказни

    Како што сугерира и самиот наслов ПРИКАЗНАТА е централната тема, покрај тоа што е основна книжевна форма во ова дело. „И други приказни“ го потврдува раскажувачкото мајсторство на Господинов и му открива на читателот еден неодолив и заводлив сплет од хумор, тага и најскриени емоции.

    „Господинов сака во своите раскази, како Рабле, да го спои тривијалното со возвишеното, баналното со исклучителното, шегата со ерудицијата, историјата со секојдневието“.

    Page, Париз

    „Со Георги Господинов се нурнувате во имагинарен свет каде што секоја буква се однесува на жена, секој збор осцилира помеѓу тагата и смислата за хумор…“

    Le Nouvel Observateur

    „Западната метафикција се среќава со источноевропската метафизика“.

    World Literature Today

    „Приказни кои изгледаат како деца од мешани бракови – со необично и незаборавно лице.“

    Мирела Иванова, Капитал

    189,00 ден270,00 ден
  • Грбот на мажот

    Одлична збирка која содржи дваесет и четири раскази за животот во сенката на „големиот“ Енвер, созревањето во посткомунистичката транзиција, за тегобноста на егзилот, но и надежите во „новиот“ живот, раскази исполнети со сентимент, шарм и духовитост.

    „Не телефонски повици. Не албански. Не средби. Особено со Албанци. Ги избегнувавме сите, како да се срамевме, иако немавме ништо погрешено, иако тие немаа направено ништо срамно. Но, ни се чинеше дека ќе нѐ помешаат со тие кои дошле случајно и за парче леб. Ние не. Ние се подготвивме. Ние почнавме да учиме италијански. Го следевме РАИ.  Радиото и телевизиските емисии. Не бевме дојдени само за леб, како тие. Дојдовме за парковите, музеите, за „пјаците“ и за италијанскиот, јазикот што го пишувавме скришум, но никогаш не го зборувавме толку гласно колку што посакувавме. Секако дека еден ден ќе седевме и со нив. Но, сакавме да си дадеме време. За да се прилагодиме. Ти не. Тебе те поттикнавме да се зближиш со децата што играа во паркот до нашиот дом. Кажи го само името. Само името. Алберт! Алберто. Ти порачавме. Толку. Тоа беше сѐ. Имавме слушнато дека во Грција емигрантите морале да ги менуваат имињата. Илир станал Илиа. Кај нас не. Те учевме да кажеш дека се викаш Алберто. Со „о“. Алберто, не Алберт. „Нека игра со децата“, рече жена ми. „Го учи јазикот. Не заборавај! Не албански. Слушај, зборувај. Зборувај, слушај. Но не на албански. За нас можеби не, но за него ова место ќе биде татковина“, велеше жена ми.

    199,00 ден399,00 ден
  • Ѓорѓиќ се враќа

    „По десет години живот во Босна, Марко Ѓорѓиќ е веројатно уште поизгубен отколку кога беше тинејџер во Фужине. Ако бил чефур во Фужине, во Босна не е само Јанез, туку е и Србин. Откако се преселил од Високо во Бјељина, каде дел од неговото семејство побегнало за време на војната, тој станал имигрант, пребегнат Србин. А потоа се враќа во Фужине и може само да дознае дека е „вонземјанин“. Овде и секаде. Затоа што во овој крајно поделен и разграничен свет не е можно да биде ништо друго. И додека човек не ја потисне желбата да припаѓа, или додека не се помири со својата неприпадност, со својата „туѓост“, тешко ќе го најде својот мир. Марко Ѓорѓиќ дефинитивно се’ уште не се помирил со тоа. Но, можеби некогаш, којзнае“.

    Горан Војновиќ во интервјуто за „Букла“

    200,00 ден399,00 ден
  • Зашеметен

    Зашеметен е мајсторско дело што не ја крие Ахиловата пета: Тоа е естетско суверен, но и ранлив портрет на човекот на прагот од епохата“. Мајк Фесман, Зидојче цајтунг

    „Берфус пишува роман за едно време во кое извесноста се рони, а иритациите растат“. Карин Гросман, Зексише цајтунг

    „Само романите што многу ризикуваат се вистински литературни доживувања. А Зашеметен Е литературно доживување“. Филип Тајсон, НЦЦ

    100,00 ден250,00 ден
  • Далеку од Ирска

    „Далеку од Ирска“ е избор од расказите на Вилијам Тревор кои ги обединува тоа што дејството е сместено надвор од родната земја на авторот, но во кои Тревор го истражува познатиот терен: малите таги и радости што го сочинуваат нашето секојдневие. Во расказите во оваа книга можеме да го засведочиме елегантниот и луциден стил на овој автор.

    „Тревор е мајстор на кратката фикција. Неговата внимателно напишана, лирска проза, истовремено иронична и елегична, е невозможно да ја испуштите од раката. Неговите приказни се длабоки, емотивни и незаборавни.“

    Паблишерс Викли

    290,00 ден490,00 ден
  • Писмо за Глорија

    Зошто да не се фрли и тој главечки во убедувањето дека може да се развие и едно неексклузивно разбирање за припаѓањето, да се погледне од другата страна на дурбинот, да се размислува за севдоменост, а неговиот дом да биде секаде каде што ќе го насети присуството на Глорија? „Да се вдоми.“ Што ако „се вдоми“ е противречен глагол, чии суптилни синоними се „се самопровинцијализира“, „старее“, „умира“? Домот ризикува да стане комфор, а комфорот секогаш значи смрт. Тоа е бруталната вистина, веројатно: или ќе го пронајдеш својот егзил, или ќе тонеш во дом – во зачмаена провинција. Домот значи припаѓање. Но, во крајна линија, и Ружди се прашува – можеби самата идеја за припаѓање е стапица? А и Бифо го користи истиот збор за да го опише идентитетот: стапица. Глорија, Глорија… по средбата со неа во она бистро спроти болницата, тој се согласува и со едниот и со другиот.

    200,00 ден350,00 ден
  • Естом

    „Романот „Естом“ е книга во која Николина Андова Шопова продолжува да истражува некои од темите кои се карактеристични за нејзиното творештво: необичните човекови судбини, судбините на чудаци кои се разликуваат од околината во која живеат, верувањето во ирационалното и неискажливото како важен елемент на човековиот живот, чувството дека човековиот живот се состои од мигови кои не можат целосно и до крај да се објаснат. Таков „чудак“ кој живее според сопствени правила е и главниот лик во романот „Естом“ – пантомимичарот Олег. Врвен во она што го прави, целосно посветен на својата уметност и умешност, Олег наликува на оние уметници кај кои нивниот уметнички сензибилитет целосно се поклопува со нивниот живот и судбина.  Живеејќи според поетиката на отсуството, на невидливото, на силината на световите што самиот ги создава, а се помоќни од каква било „реалност“, тој успева својот живот целосно да го поистовети со својата уметност“.

    Владимир Јанковски

    200,00 ден299,00 ден
  • Пештера

    „Под Владимир закрцка кожната фотелја. Царот на светот откако со тикот го спушти гардот – како што, впрочем, и му приличи, односно, може да си дозволи само вистински суверен – иташе да го освои, да го придобие. Тоа што му ласкаше наметливо, а сепак со достоинствен, како исповеднички тон – заклучи Владимир – не може да биде ништо друго освен израз на потребата од него во организацијата. Но, наеднаш го преплави немир. Не знаеше зошто, ама силно го растрепери стравување старчето да не згреши, да не каже нешто што ќе го остави без алтернатива. В срце го жегна кога низ глава му помина и сосем неприкладната мисла дека треба да разгледа опција и за безглаво бегство…“

    „Иако напати добива одлика на жанровска (трилер и детективска) фабула, благодарение на сугестивните ликови и увидот во нивниот внатрешен свет, романот напати добива и одлики на психолошки роман, а особен белег на нарацијата и’ даваат многубројните дијалози меѓу ликовите, кои најчесто расправаат и дебатираат за улогата религијата, филозофијата и уметноста во денешниот свет, така што романот со својата флуидност и разновидност вешто им се отима на сите обиди за строго разграничување во жанровска смисла. Во романот е особено маркантен интертекстуалниот елемент, во кој во преден план се ставени судбините на протагонистите исправени пред крупни одлуки, а меѓу многубројните интертекстуални назнаки и алузии доминираат библиските. Оттука, би можеле да констатираме дека романот на Ристески во многу елементи е нестандарден и оригинален роман во современата македонска литература“.

    Владимир Мартиновски

    200,00 ден299,00 ден
  • Вечерен автобус

    Војдан седна на клупата и го крена погледот угоре кон ѕвезденото небо. Седењето беше неудобно и поради тоа гледањето кон небото беше испрекинато. На клупата фалеа штици, а на едниот крај беше шлапната една леплива розова мастика.

    Порано тој ги познаваше сите соѕвездија што ја красеа северната хемисфера. Се обидуваше да се присети на тоа заборавено знаење, бидејќи сакаше да ги покаже соѕвездијата и да раскаже некоја прикаска за нив на човечката силуета што се туткаше веднаш до него на клупата.

    „Сигурен сум дека постоеше соѕвездие по име Квачка, група ѕвезди набиени една до друга како во кош… беа некаде на онаа половина од небото“, рече Војдан и покажа нагоре со прстот, иако не можеше баш точно да го пронајде соѕвездието. Обидот да раскажува за ѕвездите не му беше баш успешен.

    Околу три часот наутро, кога свежиот летен ветрец сосем го излади градот и околното ридје, некаде кон југ или исток силно се озари некое небесно тело. Точката ја разбиваше мастиловата боја на небото и изгледаше како новогодишна ѕвезда; како да беше вешто пресликана од некоја стара честитка што пристигнала во поштенското сандаче, таму над нив; можеби на задната страна од картончето пишуваше „Среќна Нова 1990!“. Барем за миг, тоа е ѕвезда што трепери врз вистинското ноќно небо, одземена од нејзиниот симулакрум осипан со сребрени светки што ги имаше на повеќето празнични разгледници.

    „Најверојатно тоа е исток“, вели Војдан, а потоа размислува колку е залудно да се тврди дека тоа е која било страна на светот. Колку е излишно постојано да се бара одредница за сите нешта. Копнеж по систем.

    200,00 ден299,00 ден
  • Кон езерото

    „Охридското езеро е од оние места на Земјата што те тераат да се чувствуваш како нешто судбинско да те очекува. Како одамна да требало да дојдеш и затоа не можеш да поверуваш дека доцниш толку многу време.“

    „Во оваа книга се раскажува за две древни езера. Има места кои се кодирани во нашите гени, но потребно е многу време да се покажат, исто како некои патешествија кои се врежани во пејзажот на нашите дни, но им треба цел еден живот за да бидат завршени. За мене е така со овие езера.

    Ја чувствувам привлечната сила на Охридското езеро уште од своето најрано детство, зашто баба ми по мајчина линија, Анастасија, е од Охрид, и таа беше важна фигура во животот во оние рани години.  Веќе како возрасен човек не еднаш размислував како соодветно  да му се вратам на Езерото, но чувствував дека сѐ уште не сум спремна за тоа. За да се вратиш таму каде  живееле твоите претци, треба да си спремен да го видиш она, што е полесно да го откажеш.

    Најпосле поттикот да продолжам дојде од тревогата дека времето тече и може да се случи нешто подмолно, речиси зад мојот грб.  Дека ако не се осмисли егзистенцијалниот  пејзаж на мајчиниот род, можат да се повторат некои одминати модели. Дека во тој век продолжуваме  да сме сведоци на граѓански конфликти и братоубиства, на политики на поделби помеѓу народите и во самите нив, на патријархална автократија и ревизионизам, на масовна емиграција и преселби  – додека сме сведоци на сето тоа, самите ние можеме да се претвориме во  неволни проводници на пропаста, ако не се согласиме како да се однесуваме со своето наследство“.

    Капка Касабова

    „Поетската вештина на Касабова се огледува во кусите фрази, наситени со смисла, како и во склонноста да ја препознава смислата на сите симболи. Кон Езетото е прекрасно напишан текст, покана да се восприемиме идејата дека заедничкото меѓу луѓето на Балканот – а всушност и меѓу сите луѓе по светот – е повеќе од она што ги дели и разделува“.

    The Financial Times

    „Прозата на Касабова подеднакво е магична и предизвикувачка и остра. Како што ги раскажува приказните на своите претци, низ историјата на земјата, која ги формирала, таа го претвора конкретното во универзално канејќи ги сите читатели  да размислат врз значењето на „паметувањето“, идентичноста и местото во поширок контекст на човечкото постоење“.

    Irish Times

    „Касабова ја постигнува идеалната рамнотежа, откривајќи како тркалото на историјата го гнети огромниот човечки потенцијал, но не секогаш успева и да го уништи“.

    Миша Глени, The Times Literary Supplement

    „Во овие човечки приказни со сета сила е покажан случајниот и бесмислен антагонизам на национало-државните граници. Оваа прекрасна книга е лекција за фанатичните националисти, кои ја присвоија националната тема. Доволна е една глобална пандемија, за да се види бесмислата на вештачките граници“.

    Чарли Коноли, The New European

     

    472,00 ден590,00 ден
  • Тупаници

    Раскажани со штедлив и моќен глас што потсетува на Хемингвеј, Селинџер и Остер, трите приказни на Гроси го истражуваат обредот на премин од детски во возрасни години со кој секој од нас се соочил – и што значи да се биде човек во овие модерни времиња.

    „Тупаници“, „Коњи“ и „Мајмун“ се три моќни приказни за полнолетството на момчињата кои се соочуваат со реалноста и се борат да останат живи во машкиот свет. Во „Тупаници“, тинејџ боксер-аматер за прв пат влегува во рингот и се наоѓа во судир со Животот во сета негова мускулеста сила; во „Коњи“, двајцата браќа на прагот од зрелоста учат да ја играат машката игра на својствен, болен начин; а во „Мајмунот“, еден млад човек сфаќа дека за да останеме здрави и да преживееме на овој свет, треба да ги жртвуваме нашите детски соништа.

    #CreativeEurope4Books

    200,00 ден299,00 ден
  • Најосаменото место

    Кога станува збор за романот како жанр, читателот, по правило, во помала или поголема мера, не е рамнодушен кон постапките на главните ликови, нивните мисли, цели и мотиви, и најчесто им сочувствува на протагонистите во делото, и колку повеќе го копка нивната судбина, толку повеќе самиот читател се внесува во приказната и на ликовите им посакува среќна завршница. Меѓутоа, постојат отстапки од споменатото „правило“, особено кога читателот и самиот не е сигурен во мотивите и моралот на постапките на главниот лик.

    Романот „Најосаменото место“ од Симеон Јанков е токму таков, во кој главниот лик е јас-наратор, чие чудно (но не и чудесно) доживување,во времето помеѓу посетата на еден навидум неинтересен културен настан, предвременото заминување од него и несакањето веднаш да се врати дома, кај сопругата, просто го тера, макар и накусо, да се посомнева во нејзината верност. И иако речиси веднаш ги растерува сите недоумици, припишувајќи ѝ го своето доживување на случајноста, и се враќа сосема ослободен од секаков сомнеж, започнува да се однесува чудно, и спротивно на тврдењето дека е самоуверена и сталожена личност.

    Неговите постапки и размислувања, на почетокот суптилно, а како што одминува времето, многу тензично и вознемирувачки, укажуваат на тоа дека се работи за неверодостоен, манипулативен, а во некои покуси моменти, дури и психопатски наратор, кој и покрај сѐ, успева да разбуди сострадание кај читателот, особено кога раскажува за своето детство, за односите со родителите и убавите нешта, но и траумите што ги доживува, играта со зборовите и создавањето нови, чудни, макар и минливи опсесии, бизарно смешното и буквално сфаќање на некои изрази и идиоми.

    200,00 ден290,00 ден
  • Нешто ќе се случи, ќе видиш

    „Грчкиот Фокнер… една од најтрогателните хроники на економската криза што излезе од Грција“.

    La Repubblica

    „Иконому ја редефинира вредноста и архетипското значење на грчкиот еп… со неколку зборови тој ја отсликува тешкотијата да се живее овде и сега“.

    Panorama

    „Дијалогот на Иконому блеска со автентичност, додека неговиот наратив премостува едноставен и често груб јазик со моменти на чиста лирика, како искра што поттикнува емоции“.

    Conteiner Magazine

    „Декамерон на кризата“.

    Left Magazine

    #CreativeEurope4Books

    210,00 ден350,00 ден
  • Еврејска работа

    „Еврејска работа“ е дебитантско дело на Миколај Гринберг, во кое тој ги преработува приказните на полските Евреи во кратки, трогателни раскази, нудејќи панорама на еврејското искуство во современа Полска. Иако приказните се фикционализирани, секоја од нив содржи прстен на вистината.

    Книгата е составена од кратки монолози, во кои карактерите се Евреи, Христијани, атеисти, од сите средини и сфери на животот. Секоја од приказните е трогателна и интензивно лична, претворена во кристална проза. Во овој клучен момент за еврејскиот живот во Полска и во целиот западен свет, со будењето на старите духови на антисемитизмот кои повторно се појавуваат во јавната дебата, и каде слободата на говорот е под закана, се издвојува чистиот и разумен глас на Гринберг.

    Неговото дело ги разоткрива длабоките корени на системскиот антисемитизам, притоа нагласувајќи колку секојдневието станало отпорно на истиот, што не е едноставно за анализа. Книгата доби одлични критики и влезе во потесниот избор за престижната книжевна награда „Нике“ во Полска.

    #CreativeEurope4Books

    150,00 ден250,00 ден
  • Засолниште во времето

    „Непрекинато произведуваме минато. Ние сме фабрики за минато. Живи машини за минато, што друго. Јадеме и произведуваме минато. Дури и смртта не е решение. Човекот си отишол, а минатото му останало.Каде оди после сето тоа лично минато? Го купува ли некој, го собира ли, го исфрла ли? Или ќе се тркала како стар весник, потфрлан од ветрот по улицата. Каде одат сите оние започнати и недовршени приказни што уште крвават, сите оставени љубовници, „оставени“ – зборот не е случаен, касапски збор.

    Дали минатото се разградува или останува практично непроменливо како најлонските ќеси, труејќи бавно и длабоко сѐ наоколу. Не треба ли да има некаде и фабрики за рециклирање на минатото? Може ли воопшто да се направи нешто друго од минатото, освен минато? Може ли на обратен начин да се рециклира во некаква иднина, макар и вторична употреба? Ете ти прашања“.

    #CreativeEurope4Books

    315,00 ден450,00 ден
  • Чудовиштето

    „Чудовиштето“ е роман за љубовта, за невозможната, безнадежна, но чиста и искрена љубов меѓу стариот писател и убавата млада новинарка. Нивните животи се испреплетуваат, но и се заробуваат во синџирите на моралната кауза. Роман за мудроста и големото прашање, дали е доволна за разумот на разумниот да се исправи пред моралните закони во него. Злото е привлечно, неговата појава секогаш е само навидум случајна, а всушност строго испланирана и контролирана.

    По преводот на романот „Пропаст“ и одличниот прием кај македонските читатели, „Чудовиштето“ е нов предизвик за сите рафинирани љубители на квалитетната литература.

     

    „За книжевните критичари, романот „Чудовиштето“ е лебедовата песна на Владимир Зарев. Ништо не останува засекогаш, вели Зарев на почетокот од книгата, па ни љубовта, останува само споменот за неа, нејзината сенка, нејзиниот здив. Колку е човекот мал и ништожен кога согорува во својот копнеж да се одложи крајот, смртта да се смилостиви да го остави уште малку да се насладува на љубовта. Но дали таа негова желба не е крајно себична и горка?! Зарем е малку еден човечки живот за да се љуби и да се биде љубен?! Булгаковски е крајот на „Чудовиштето“, искупувањето доаѓа преку љубовта, таа е чистата есенција на постоењето, без неа ниту злото ниту омразата не би можеле да преживеат бидејќи на кантарот ќе си тежат самите на себе, ќе немаат противтежа“.

    д-р Ана Витанова – Рингачева

    273,00 ден390,00 ден
  • Еден сив мартовски ден

    „Еден сив мартовски ден“ е класичен психолошки роман, со интроспекции и ретроспекции, богат со детали од секојдневниот градски живот. Дејството на романот се одигрува главно во Скопје, во периодот на крајот од 40-те, па се’ до крајот на шеесеттите години од 20 век.

    Приказната во романот ги следи животните патеки на три школски другарки – Катарина, Оливера и Маријана, но и на Весна, ќерката на Катарина. Таа приказна започнува и завршува со еден посебен миг – отпуштањето на Катарина од казнено-поправниот завод кадешто одлежувала петгодишна казна поради тешка сообраќајка.

    Тој миг е повод за сведувањето на сметките – не само во животот на Катарина, туку и на нејзината ќерка и на нејзините две пријателки. Може да се каже дека секоја од нив го преиспитува својот живот барајќи го моментот кога во него се вовлекла „грешка“ која ќе биде причина за идните судири и недоразбирања.

    100,00 ден350,00 ден
  • Бејрутското здружение „Пеколен оган“

    На опустошената улица со поглед на гробиштата во христијанската енклава во Бејрут, се среќаваме со еден ексцентричен млад човек по име Павлов, син на локалниот гробар.

    Кога неговиот татко ќе се соочи со ненадејна и прерана смрт, на Павлов му приоѓа член на мистериозното друштво „Пеколен оган“ – антирелигиозна секта, која меѓу многуте бунтовни активности организира и таен погреб на отфрлените лица на кои им е оневозможен последниот обред. заради нивната религија или сексуалност.

    „Ова е вистинско ремек-дело“, крикнува критичарот Лоренс Џозеф во освртот кон новиот роман на генијалниот Рави Хаж.

    200,00 ден390,00 ден
  • Филмотопија

    Анѓелков продолжува ревносно да ја следи филмската продукција кај нас и во светот, и низ рецензентски и есеистички осврти на публиката навремено ѝ нуди увид во случувањата во филмската уметност.

    Низ неколку поглавја, во книгата се покриени филмовите од новата македонска продукција, новото европско кино, светската продукција, тука се и секогаш интересните фестивалски случувања кои авторот ги покрива со присуство и искуство на самото место, а во последното поглавје тој остава простор за класикот Алфред Хичкок.

    Со оваа книга Анѓелков на одличен начин пополнува еден празен простор во македонското издаваштво, издавајќи книги посветени на филмот, изданија кои, за жал, во годините наназад, можат да се набројат на прсти.

    200,00 ден299,00 ден
  • Животот на Прача Рузвелт/Невиност

    Во оваа книга имате можност да се запознаете со драмското творештво на славната германска писателка Деа Лоер. Нејзините драми се преведени на повеќе од 30 јазици и се поставуваат насекаде низ светот.

    „Животот на Прача Рузвелт“ е драма која го опишува животот во Сао Паоло во кој сите се осамени, а сепак се грижат еден за друг. Сите ликови имаат животни соништа, но од утро до вечер се зафатени со обидите да преживеат во непредвидливата бразилска метропола. Лоер оваа драма ја напиша токму во Сао Паоло, кадешто културните стереотипи велат дека сите танцуваат, пеат и се смеат, и нема простор за депресија. Но германската авторка го преобразува ова клише во гротеска, во која животот е полн со неправди, а уништувањето демне зад секоја, макар и мала, човечка среќа.

    „Невиност“, пак, е драма составена од приказни кои се случуваат на маргините на модерното општество, текст кој на прв поглед е длабоко песимистичен, но во исто време е напишан на толку весел и јасен начин. Воздржаниот оптимизам се чувствува во убавината на јазикот и желбата на ликовите да преживеат. Драмскиот текст истовремено зборува за крупните прашања на човештвото, но и за ситните секојдневни појави, за сè што ни го прави животот таков каков што е, со тивка надеж дека постои бегство, или барем некој вид на пат или цел. „Невиност“ според критичарите е најдобриот, најинтензивиот и најестетскиот текст на Лоер, поетска елегија на лингвистичката убавина и сила, проткаена со темна болка и саркастичен гнев.

    #CreativeEurope4Books

    100,00 ден250,00 ден
  • Трилогија за непослушноста

    Книгата „Трилогија за непослушноста“ од Ивана Сајко ја сочинуваат три драми и еден краток драмски текст.

    Драмскиот текст „Вовед до дисјункција“ е нарачан во 2010 година за проектот „Енциклопедија на неживеани животи“ на Маријано Пенсоти за фестивалот „Штајришер хербс“. На истиот фестивал во 2008 година премиерно е одиграна драмата „Rose is a rose is a rose is a rose“ во изведба на белгиската театарска група „Вундербаум“.

    „Глетки со јаболкница“ е праизведен во 2009 година во „Штадтеатар Берн“ во режија на Дора Шнајдер, додека драмата „Тоа не сме ние, тоа е само стакло“ во режија на Роберт Тојфел е праизведена во 2013 година во „Шаушпиел Франкфурт“.

    #CreativeEurope4Books

    100,00 ден200,00 ден
  • Страстите на Илија и други драми

    Трите драми на Дешев се избор од најдобрите негови драмски текстови во изминатите декади.

    Во нив тој на најдобар можен начин ги разголува предностите и маните на бугарското општество.

    90,00 ден299,00 ден
  • Моите ноќни возови

    Ерик Фај во „Моите ноќни возови“ нè повикува на ноќно, уверливо патување со возови низ Европа и Азија (од Париз, Прага, Москва, до Владивосток, Монголија, Пекинг…) во времето пред падот на Берлинскиот ѕид и крајот на Варшавскиот пакт. Возот го продолжува својот пат меѓу два различни света, обликувани од анахроните императиви на иделогиите, непомирливоста на режимите, светските антагонизми. Тоа возовите го чинат секојдневно и секогаш со нови патници. Секој од нив минува од едно во друго доживување.

    Ерик Фај настојува да биде уверлив записинчар на нивните судбини. Низ една ретка идеја, да ги поврзе асоцијативните импресии и размисли низ пругите во еден вид „среќна полноќна инсомнија“, авторот нè поведува низ свет со граници кои го изгубиле своето некогашно значење, низ простори на империи кои повеќе не постојат, низ идеологии кои непомирлво се држат на старите позиции, низ цивилизации коишто ги задржале знаците на некогашното постоење. Тој ги поврзува хрониките за белешките од долгите коридори на вагоните од возовите преполни со различни ликови, кои ја играат полноќната улога на своите народи.

    200,00 ден250,00 ден
  • Збунети компаси

    Збирката поезија „Збунети компаси“ од Зоран Анчевски се состои од пет циклуси песни кои градат многу занимливи меѓусебни врски, но и деликатни, дискретни, а суштински врски со претходното поетско творештво на Анчевски. Првиот циклус ги поставува поетичките начела и креда на поетот, а четирите циклуси што следат ги разработуваат истите во најразлични детали, ситуации и контексти. Завршниот циклус, пак, наместо да прави заклучоци и поетски „резимеа“ на изнесените начела, всушност, многу умешно и мудро, го враќа читателот на почетокот и бара нов прочит на книгата.

     

    Збунети компаси е отстојана збирка во најубава смисла на зборот. Раскошна лексика, прибирање на загубените зборови и чување во песна. Нема поубав начин од тоа за еден јазик. За едно пеење. Ибришими, коткања, забели… и едночудо други лексички длабења во слоевиот поетски јазик“.

    Оливера Ќорвезироска

    100,00 ден200,00 ден
  • Гранична состојба

    „Песните од новата стихозбирка на Лидија Димковска се директен одговор на горливите прашања кои ги поставува актуелниот миг, и кои се поврзани со егзистенцијалните тегобности, личното и колективното сеќавање, односот на историјата и сегашноста, мигрантството, засилувањето на ксенофобијата, исчезнувањето на хуманоста и солидарноста, неизвесностите на постоењето – сето она што ни го донесе почетокот на векот, или што ние му го донесовме на овој век, од кој истрошивме дваесет и една година. Тие се песни на храброст и непомирливост, на искреност и на бескомпромисност, квалитети кои отсекогаш биле карактеристики на поетиката на Димковска. Од друга страна, наспроти овие одлики-константи, тоа е поетика која низ годините, од првообјавата „Рожби“ пред скоро три децении, па сè до денес, постојано се метаморфозира и развива, и сега е дојдена до степен на потполна отвореност кон фактографското, кон наративното, кон промислување на суштествувањето низ поетското создавање. Согледана во таа развојна низа, „Гранична состојба“ претставува една од кулминативните точки во творечкиот опус на Димковска“.

    Гоце Смилевски

     

    *Стихозбирката е добитник на наградата „Браќа Миладиновци“ на СВП 2021 година

    100,00 ден200,00 ден
  • Животот на смртта

    „Серијата на создадени дела кои можеби најмногу соодветствуваат со заедничкото именување „текст-цртеж“ на Перо Георгиев, дивергира кон неколку епистемолошки категоризации. Графичкиот (цртачкиот) спектрум изобилува со мноштво на композитни пораки кои минуваат низ три клучни стилски преобразби: интимен свет, општествено опкружување и универзални вредности. Текстуалните предлози навидум конвергираат кон истите теми кои се обработуваат во цртежот, но тие поседуваат сопствена автономија на мислата, која вешто се преобразува низ екстензија на нови исцртани или илустрирани замисли. Она што ја прави оваа графема или прозна сликовност невообичаена и исклучителна е опсегот на теми и проблематики кои го окупираат интимниот свет на Георгиев, подготвеноста за воспоставување на општа дискурзивна полемика и своевидна артикулација во облик на социо-естетика“.

    Натали Рајчиновска Павлеска, ликовен критичар и теоретичар

    299,00 ден450,00 ден